Саудиска Арабија погуби тројца војници за велепредавство

пред 4 години

Саудиска Арабија во саботата погуби тројца војници кои биле осудени за велепредавство и соработка со непријателот на начин што ги загрозува кралството и неговите воени интереси, соопшти Министерството за одбрана на кралството, пренесува „Сауди прес ејџенси“.

Тројцата осуденици, Мохамед бин Ахмед, Шахер бин Иса и Хамуд бин Ибрахим, кои работеле  за Министерството за одбрана, биле осудени пред специјализиран суд пред да им биде изречена смртна казна по кралска наредба.

Соопштението од Министерството се смета за ретка јавна објава во врска со воени егзекуции.

„Фактот што беа објавени имињата на погубените значи дека Саудијците сметале оти нивното однесување било исклучително дрско и, според тоа, достојно за примерена казна“, изјави Дејвид Дес Рош, од вашингтонскиот Центар за стратешки студии во Јужна Азија и Блискиот Исток.

Министерството не даде детали за тоа кој е непријател иако егзекуциите биле извршени во јужната команда на војската, со седиште близу до границата со Јемен, каде кралството води шестгодишна воена кампања против движењето Хути, кое го зазеде главниот град Сана во 2014 година, пред да се формира де факто влада што контролира поголем дел од густо населените области во земјата.

Минатиот месец, властите во Сана одржаа државен погреб за саудиски војник кој преминал во вооружените сили на јеменските Хути и бил убиен за време на тековната битка за Мариб, која се интензивираше во последните денови и е последното упориште на Саудиска Арабија во северот на земјата.

Share
Scroll to Top