Секој трет жител на Виена е странец

пред 3 години

Секој трет жител на Виена, односно 30,8 проценти од населението на австриската престолнина, нема австриски пасош, покажуваат податоците на „Мониторот за интеграција“ на градот.

Овој документ содржи бројки, податоци и факти за миграцијата, интеграцијата и разновидноста на жителите на австриската престолнина.

Бројот на странски државјани е зголемен од последниот извештај во 2017 година, од 27 на сегашнит скоро 31 процент.

Инаку во 2002 година, уделот на странски граѓани во населението на Виена изнесувал само 16,4 проценти, што значи дека е двојно зголемен во последните 18 години.

Исто така, скоро половина од виенското население има мигрантско потекло.

Поточно, тоа значи дека двајцата родители на 45,9 проценти од Виенците, не се родени во Австрија.

„Виена со тоа станува современ имиграциски град во рамките на ЕУ“, се вели во воведниот текст.

Покрај тоа, 36,7 проценти од Виенците се родени во странство.

Повеќето имигранти доаѓаат од земји на ЕУ, бидејќи секоја година од 2006, сè поголем број луѓе од членките на ЕУ и ЕФТА го населуваат главниот град на Австрија, повеќе од оние од т.н. трети земји.

Единствен исклучок била 2015 година, во екот на бегалскиот бран.

Шефот на проектот, Филип Хамер, посочува дека стапката на давање државјанство на имигрантите во Виена е само 0,8 проценти.

„Ова значи дека од 1.000 лица кои живеат со странски пасош во Виена, само осуммина имаат добиено австриско државјанство. Тоа е најниска стапка во ЕУ“, вели тој.

Имиграцијата и ниската стапка на давање државјанство имаат свои последици, а тоа е дека во моментов 30,1 процент од Виенците постари од 16 години немаат право на глас, а во групата на оние на возраст меѓу 27 и 44 години, уделот на такви лица е поголем од 40 проценти.

Share
Scroll to Top