Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден планира да ги укине санкциите наметнати од неговиот претходник Доналд Трамп врз највисоките претставници на Меѓународниот кривичен суд (МКС) уште оваа недела, објави магазинот „Форин полиси“.
„Колку и да не се согласуваме со постапките на МКС во врска со ситуациите во Авганистан и Палестинците, администрацијата темелно ги разгледува санкциите согласно Извршната наредба 13928 додека ги утврдуваме нашите следни чекори“, вели неименуван портпарол на Стејт департментот.
Минатиот јануари, Израел изрази загриженост дека администрацијата на Бајден може да ги преиспита санкциите наметнати од администрацијата на Трамп врз обвинителката на МКС, Фату Бенсуда, и нејзиниот заменик во врска со плановите за истрага на воените злосторства извршени од американски персонал во Авганистан, како и злосторствата извршени од Израел против Палестинците.
Во јуни 2020 година, Трамп издаде извршна наредба со која се одобрува воведување економски санкции против сите службеници на МКС кои учествуваат во истрагата на „сојузничкиот персонал без согласност на тој сојузник“.