Генералниот директор на Светската здравствена организација предупредува дека се уште не е време да се прогласи победа над коронавирусот и да се укинат мерките.
„Прерано е да се предадеме или да прогласиме победа во која било земја“, рече Тедрос Адан Гебрејесус на прес-конференција, изразувајќи загриженост поради зголемениот број на починати во поголемиот дел од светот.
Неговиот повик за претпазливост доаѓа во време кога некои земји размислуваат за враќање на животот пред пандемијата.
Данска се одлучи на ваков чекор денеска и покрај рекордниот број случаи на инфекција, оценувајќи дека тоа може да го направи благодарение на високата покриеност со вакцинација и помалиот ризик од сојот омикрон.
Директорот на програмата за итна здравствена заштита на СЗО, Мајкл Рајан, рече дека стравува дека некои земји, поради политички притисок, се обидуваат да се угледаат на владите кои веќе ги олеснуваат мерките, игнорирајќи ја здравствената состојба во нивната земја и вакцинацијата.
И Марија Ван Керхове, задолжена за управување со пандемијата во СЗО, предупредува дека мерките не смеат брзо да се релаксираат.
„Повикуваме на претпазливост бидејќи многу земји сè уште не го достигнале врвот на бранот на инфекција со омикрон. Многу земји имаат ниски нивоа на вакцинација“, рече таа.
И колку е поголемо ширењето на инфекцијата, толку е поголем бројот на смртни случаи, потсети таа.