СЗО: Случаите на омикрон се удвојуваат за три дена со локален пренос

пред 3 години

Новиот вид на коронавирис-омикрон досега е евидентиран во 89 земји, а бројот на заболени се удвојува на секои 1,5 до 3 дена во областите каде имало локално пренесување, соопшти денеска Светската здравствена организација (СЗО).

СЗО на тој начин потврди дека омикронот се шири значително побрзо од делтата.

Светската здравствена организација додава дека омикронот брзо се шири во земји со високо ниво на имунитет, но сè уште не е јасно дали тоа се должи на способноста на вирусот да го избегне стекнатиот имунитет, неговите високи нивоа на зараза или комбинација од двете.

„Сè уште немаме доволно податоци за да ја одредиме клиничката тежина на омикронот. Ни требаат повеќе информации за да утврдиме колку е сериозна оваа варијанта и како реагира на вакцинацијата и постоечкиот имунитет“, соопшти СЗО.

Светската здравствена организација предупреди дека болниците на некои места би можеле да бидат преполни поради ваквото брзо зголемување на случаите со Ковид-19.

„Бројот на хоспитализации во Обединетото Кралство и Јужна Африка продолжува да расте, а со оглед на брзиот пораст на бројот на случаи, можно е многу здравствени системи наскоро да се преоптоварат“, предупредува СЗО.

Share
Scroll to Top