„Синдром Хавана“ – насочена радиофреквенција е причина за болеста на американските дипломати

пред 4 години

Насочена радиофреквенцијата најверојатно е објаснувањето за мистериозните симптоми што ги доживеаја американски дипломати во амбасадата на САД во Хавана, објави американската влада.

„Се чини дека симптомите одговараат на ефектите од насочени пулсирачки радиофреквенции“, се вели во извештајот на Националната академија на науките и инженерството.

Американски дипломати се жалеа на гадење, главоболки, вртоглавица и други необјаснети симптоми.

„Синдромот Хавана“ долго време беше предмет на интензивни шпекулации поради природата на симптомите и локациите на амбасадите, како што се Куба и Кина, како и молкот на американската влада.

Извештајот објавен вчера е првпат Вашингтон официјално да понуди објаснување, иако не дефинитивно.

Државниот секретар на САД, Мајк Помпео, во октомври рече дека значителен дел од средствата на американската влада се насочени кон решавање на мистеријата што погоди повеќе од 40 вработени во владата од 2016 до 2018 година.

Стејт департментот во јуни 2018 година објави дека вратил некои дипломати од кинескиот град Гуангжу поради слични симптоми.

Покрај споменувањето на насочената радиофреквенција, извештајот ја остави отворена и можноста за повеќе поврзани фактори, вклучително и психолошки и социјални фактори.

„Задоволни сме што овој извештај сега е објавен и може да обезбеди дополнителни податоци и анализи кои можат да ни помогнат да донесеме заклучок за тоа што се случило“, објави Стејт департментот.

Share
Scroll to Top