Следната недела почнува европската турнеја на Бајден, средби со Џонсон, Ердоган и Путин

пред 3 години

Американскиот претседател Џо Бајден ќе се сретне со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган за време на неговиот престој во Европа во текот на овој месец, а потоа се планирани и многу други состаноци со европските лидери, соопшти денеска Белата куќа.

Средбата на Бајден со турскиот претседател, закажана за 14 јуни на маргините на самитот на НАТО во Брисел, доаѓа во време на тензија меѓу двајцата лидери, а Ердоган јавно изрази незадоволство кога американскиот претседател неодамна ги нарече геноцид масовните убиства на Ерменци од страна на Турците во 1915 година, јавува агенцијата АП.

Белата куќа откри и други детали за првото патување на Бајден во странство како претседател, кое започнува следната недела.

Американскиот претседател прво ќе се сретне со британскиот премиер Борис Џонсон на 10 јуни, во пресрет на Самитот на Г7 во Корнвол, Велика Британија.

Исто така, се планира американскиот претседател и првата дама Џил Бајден да имаат прием кај кралицата Елизабета во замокот Виндзор пред да се упатат кон Белгија на НАТО и европскиот самит, каде треба да се сретнат и со кралот Филип од Белгија и премиерот Александер де Кру.

Европската турнеја на Бајден ќе заврши во Женева, каде американскиот претседател на 16 јуни ќе се сретне со швајцарскиот колега Гај Пармелин и министерот за надворешни работи Игнасио Касис, што ќе му претходи на долго очекуваниот самит со рускиот претседател Владимир Путин.

Share
Scroll to Top