Словачкиот премиер Роберт Фицо беше опериран по втор пат по атентатот во средата, кога се здоби со прострелни рани во стомакот и „е во стабилна состојба со навестувања за напредок, исто како што Словачка е стабилна“, изјави вицепремиерот и министер за одбрана, Роберт Калињак.
„Земјата е стабилна, пациентот е стабилен денеска. Можеме да ги направиме сите работи што треба да ги направиме како влада. А ние имаме свој премиер и тоа на сите ни е јасно“, изјави Калињак за новинарите во болницата каде што е Фицо.
Мирјам Лапуњикова, директорка на болницата Рузвелт во тој град во централна Словачка, најблиската добро опремена болница до Хандлова, каде што 71-годишен Словак во средата испука пет истрели кон премиерот, рече дека денешната операција траела два часа за отстранување некротично ткиво, што е вообичаена постапка при за такви повреди.
„Премиерот останува на интензивна нега, а неговата состојба се уште е многу сериозна. Лекарите се среќаваат и се консултираат секое утро и затоа денеска не можат да кажат дали ќе бидат потребни дополнителни операции“, рече Лапуњикова.
Лекарскиот совет в понеделник ќе одлучи дали и кога ќе можат да го превезат премиерот во Братислава.
Вицепремиерот Калињак се заблагодари за сите понуди за лекување на Фицо во странство и истакна дека Владата има целосна доверба во лекарите во Банска Бистрица.
„Ќе бидат потребни уште неколку дена додека не биде јасно како ќе се развива здравјето на премиерот. Порасположен сум бидејќи гледам напредок. При денешната интервенција се покажа дека главната операција била успешна“, рече Калињак.
Министерот за внатрешни работи Матуш Шутај Ешток денеска изјави дека во 40 случаи полицијата ги открила и гонела оние кои им се заканувале на политичарите со атентат и со говор на омраза на социјалните мрежи.
Лидерот на десноцентристичката опозициска партија Прогресивна Словачка, Михал Шимечка денеска поднесе кривична пријава поради драстични закани кон него и неговото семејство.
„Ги има повеќе. За жал, ова не е ништо ново. Слични закани доби и претседателот на Словачка, а слични закани денеска добиваат и мнозинството политичари, новинари и јавни личности кои го искажуваат својот став. Омразата раѓа омраза“, рече Шимечка.
Лидерот на опозицијата го повтори повикот до сите на словачката политичка сцена да се договорат, барем 100 дена да не се напаѓаат и за тоа време да се договорат за нови правила на политичка комуникација.
Надлежниот обвинител денеска побара притвор за осомничениот за атентатот, обвинет за обид за убиство на заштитено лице мотивирано од одмазда, за што му се заканува казна од 25 години или доживотен затвор.
Судот во сабота ќе го сослуша Јурај Цинтула и ќе одлучи за притворот.
Текстот Словачкиот министер за одбрана: Премиерот опериран по втор пат, пациентот е стабилен, земјата е стабилна е превземен од МАКФАКС.