Словенците бираат нов парламент

пред 2 години

Утрово беа отворени избирачките места во Словенија каде Словенците ќе избираат нов парламент.

Се избира нова коалициска влада која, според анкетите, најверојатно ќе ја формираат актуелниот премиер Јанез Јанша или 55-годишниот менаџер Роберт Голоб.

Право на глас имаат речиси 1,7 милиони гласачи, кои ќе изберат 90 пратеници во новиот парламентарен состав од над 1.400 кандидати од дваесетина листи на политички партии и здруженија.

Излезноста на овие избори се очекува да биде поголема отколку пред четири години, кога гласаа помалку од 53 отсто од регистрираните гласачи.

Во вечерните часови се очекуваат официјални привремени резултати кои ќе дадат појасна слика за изборните резултати. Мртвата трка ја предводат Словенечката демократска партија (СДС) на Јанез Јанша, која се обидува да обезбеди четврти мандат и Движењето за слобода, кое пред изборите го формираше Роберт Голоб, истакнат менаџер кој раководеше со големата државна енергетска компанија ГЕН.

Неизвесна е и трката за трета најсилна партија, која ја водат Левица (8,8 отсто) и Социјалдемократите (8,6 отсто).

Share
Scroll to Top