Советникот на Зеленски: Украина не заслужува ‘босанско сценарио’ за членството во ЕУ

пред 2 години

Доколку Брисел не успее да се договори и да и’ даде на Украина статус кандидат за членство во ЕУ подоцна овој месец, тоа за Русија ќе биде знак на европска слабост.

var ai_block_div = document.getElementsByClassName (‘ai-viewports’); ai_insert_code (ai_block_div [ai_block_div.length – 1]);

Ова го изјави советникот на украинскиот претседател Володимир Зеленски за надворешни работи, Игор Жовква. Тој додаде дека тоа може да го поттикне Киев засекогаш да биде во чекалната за проширување.

Тој, исто така, посочи за „Еуроактив“ дека Украина не е заинтересирана за статусот на потенцијален кандидат, мислејќи на Босна и Херцеговина, а исто така ги отфрли сите други алтернативни модели на процесот на проширување на ЕУ.

„Ние не бараме членство, ние го бараме првиот чекор“, рече Жовква по ненадејната посета на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен на Киев во саботата.

Тој рече дека ЕУ не бара дополнителни информации од украинската влада и оти се надева дека тоа е знак дека Комисијата ќе биде „задоволна од сработеното и од дадените информации“ (во прашалникот).

„Оптимисти сме кога е во прашање одлуката на Европската комисија, но разбираме дека дебатата во Европскиот совет ќе биде важна“, рече Жовква.

Мислењето на Европската комисија за кандидатскиот статус на Украина се очекува на 17 јуни, така што лидерите на ЕУ имаат една недела да го разгледаат тој документ пред клучниот самит на ЕУ 23-24. јуни.

„Не велиме дека е 100 отсто направено во владеењето на правото или во некои други области и подготвени сме да работиме на тоа“, рече Жовква, додавајќи дека значителен дел од работата е направена со изготвување и исполнување на договорот за пристапување.

Украинскиот функционер рече дека Украина е свесна што треба да направи, но дека е тешко за време на војната и додаде дека се надева оти и институциите и членките на ЕУ ќе го признаат тоа.

„Но, ако зборуваме за кандидатски статус, дали достигнувањата треба да бидат 100 проценти? Дефинитивно не. Ниту една земја немаше 100 проценти пред да стане кандидат“, рече Жовква.

Жовква ги отфрли сите алтернативни модели во процесот на проширување на ЕУ, вклучително и нејасниот предлог на францускиот претседател Емануел Макрон, според кој Украина и другите земји ќе влезат во широка второстепена рамка без да добијат полноправно членство.

„Нема статус на ‘потенцијален’ кандидат, ние не го заслужуваме сценариото на БиХ“, посочи тој.

БиХ е потенцијален кандидат за членство во ЕУ од 2003 година. Оттогаш, постигнат е многу мал напредок.

„Нема потенцијален кандидат, нема кандидат за кандидат, нема полукандидат, само кандидат“, истакна советникот на украинскиот претседател.

Во последниве недели, високи украински функционери беа на турнеја низ европските метрополи барајќи статус на кандидат за ЕУ ​​за земја во војна.

Некои членки, вклучително и Данска, Шведска, Холандија и Португалија, остануваат скептични околу доделувањето кандидатски статус на Украина, додека повеќето, вклучително и многу членки од Источна Европа и Италија, се за.

На прашањето дали очекува од земјите кои се двоумат да го сменат ставот, Жовква рече дека многумина кои биле резервирани на билатералните средби го чекаат мислењето на Комисијата.

Украинскиот функционер беше прашан и дали очекува рускиот претседател Владимир Путин да повлече „похрабaр воен потег“ во случај на позитивна одлука на Комисијата, на што одговори дека не треба да се стравува од тоа што Русија ќе направи или што нема по одлуката на Брисел.

Според него, членките на ЕУ не треба да се плашат од тоа „бидејќи цела Европа е цел на Путин“.

„Не треба да размислуваме за реакцијата на Русија. Треба да размислуваме за реакцијата на Украинците, што е поважно. Каква ќе биде реакцијата на украинските војници кои се борат во рововите, граѓаните“, додаде Жовква.

Украинскиот функционер рече и дека ако Украина не добие позитивен одговор во јуни, тоа ќе биде неуспех на целата ЕУ.

„Тоа би покажало дека не сте подготвени за клучни одлуки, премногу сте слаби, а тоа ќе биде и знак за Русија“, рече Жовква.

Share
Scroll to Top