Советот за безбедност на Обединетите нации денеска ќе го разгледа редовниот шестмесечен извештај на генералниот секретар на ОН за работата на Мисијата на ОН на Косово (УНМИК).
Србија на седницата ќе ја претставува министерот за надворешни работи Никола Селаковиќ, а Косово претседателката, Вјоса Османи.
Извештајот ќе го претстави шефот на УНМИК и специјалниот претставник на генералниот секретар на ОН, Захир Танин, кој рече дека новиот извештај се фокусира на владините реформи, владеењето на правото, безбедносните прашања и ситуацијата со пандемијата на коронавирус.
Во пресрет на седницата, како дел од редовните консултации, Танин разговараше одделно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и со премиерот на Косово Албин Курти. Сесијата започнува во 16 часот по средноевропско време.
Претходната седница на Советот за безбедност на ОН, на која се разговараше за шестмесечниот извештај за работата на УНМИК, се одржа на 13 април во онлајн формат, поради пандемијата.