Сообраќаен колапс: запрен јавниот превоз во Германија

Сообраќаен колапс: запрен јавниот превоз во Германија

пред 11 месеци

По железничарите и аеродромите во Германија, денеска штрајкуваат и вработените во јавниот транспорт

Автобусите и трамваите ширум Германија денеска запреа да сообраќаат откако синдикатот повика на еднодневен штрајк барајќи подобри услови за работа, а на протестот се приклучија персоналот на аеродромот во Хамбург и климатските активисти од движењето „Петоци за иднината“.

Синдикатот „Верди“ ги застапува интересите на околу 90.000 работници и бара, меѓу другото, подобри услови за работа за вработените во јавниот превоз, а штрајкот се одржува во сите германски покраини освен во Баварија.

Персоналот на аеродромот во Хамбург е поканет да се придружи на протестот, што доведе до откажување на некои летови, но воздушниот сообраќај засега главно се одвива нормално.

Протестот на аеродромот во Хамбург уследи по вчерашниот штрајк на безбедносните службеници на германските аеродроми во Франкфурт, Берлин, Бремен, Лајпциг, Келн и други градови, со кој беа прекинати патувањата на повеќе од 200.000 луѓе, пренесува Дојче веле.

Штрајкот организиран од синдикатот во сите сојузни покраини освен Баварија е последниот во серијата индустриски акции што го погодија транспортниот сектор во Германија во последните неколку недели.

„Штрајковите ќе се одвиваат од почетокот до крајот на операциите, главно од 3:00 часот во петок до 3:00 часот во сабота“, рече Андреас Шакерт, федералниот шеф на автобуската и железничката групација во „Верди“.

Има исклучоци, како на пример во Берлин, каде изутрината беше најавен пократок седумчасовен штрајк.

Централниот дел од барањата се подобрување на условите за работа, намалување на работното време и зголемување на правото на годишен одмор.

Текстот Сообраќаен колапс: запрен јавниот превоз во Германија е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top