Во пресрет на попрецизни упатства на ЕУ, Србија веќе подготви дигитален сертификат за вакцинација што ќе го олесни движењето и патувањето надвор од земјата, рече српската министерка за трговија, туризам и телекомуникации, Татјана Матиќ.
Таа изјави за Радио телевизијата на Србија (РТС) дека одредени земји, вклучувајќи ги Грција, Израел и Словенија, веќе се заинтересирани за преговори за признавање на сертификатите.
Матиќ рече дека не станува збор за т.н. ковид – пасоши, туку за друг вид документи.
„Дигиталниот сертификат кажува кога сте биле вакцинирани или сте го прележале вирусот или сте направиле ПЦР-тест и сте негативни“, објасни Матиќ за РТС, наведувајќи дека се очекува ЕУ да обезбеди попрецизни информации за изгледот и методот на издавање на сертификатот.
Една опција, рече таа, е дигиталниот сертификат да постои во форма на апликација за мобилен телефон, со потребните проверки и безбедносна верификација.
Во исто време, Матиќ рече дека граѓаните мора да разберат дека клучот за слободно движење и патување е масовната и брза вакцинација.
Во Србија се дадени 1.704.790 дози вакцини од крајот на декември минатата година, додека 623.424 примиле по две дози.