Српските медиуми пишуваат дека Вучиќ бил прислушкуван и следен од моќен човек од државниот врв

пред 3 години

Покрената е сеопфатна и детална истрага за тоа кој, по чија наредба и со каква цел, го прислушкувал српскиот претседател Александар Вучиќ, објавија денеска белградските медиуми, а министерот за внатрешни работи Александар Вулин рече дека сигурно ќе се дојде до вистината.

„Истрагата, која е строго затворена, трае веќе некое време“, пишува „Вечерње новости“, повикувајќи се на неименувани извори, а таблоидот „Информер“, близок до Вучиќ, тврди дека Вучиќ бил прислушкуван и тајно следен од моќен човек од врвот на државата, а дека тоа го покажале истрагата на Министерството за внатрешни работи (МУП) и Безбедносно-информативната агенцијата (БИА).

„Во моментов, во тек се сослушувања, пред сè, од припадници на Службата за специјални истражни методи при Управата за криминалистичка полиција. Службата е исто така одговорна за вршење на електронски надзор. Истраги спроведува и Секторот за внатрешна контрола на Министерството за внатрешни работи”, пишува „Вечерње новости“.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 31 декември рече дека бил прислушуван и дека тоа го правеле домашни лица, а надлежните органи ќе утврдат дали се поврзани со странци.

„Прислушувањето на шефот на државата е директен обид за државен удар“, рече Вучиќ.

Тој изјави дека бил прислушуван подолго време, од година до година и пол и рече дека има докази за тоа – свои снимени разговори, а исто така верува дека знае кој стои зад тоа, пишува „Вечерње новости“.

Таблоидот близок до Вучиќ, „Информер“, дури тврди дека во последен момент бил спречен планиран обид за државен удар.

Министерот Александар Вулин рече дека надлежните служби работат на истрагата.

„Претседателот на Србија и даде на полицијата целосно слободни раце за да ја утврди целата вистина во овој случај“, рече Вулин.

Share
Scroll to Top