Студентите: Победата е поблиску од кога било, не се откажувајте од гласањето

Студентите: Победата е поблиску од кога било, не се откажувајте од гласањето

пред 3 часа

🔴Најновите вести за изборите во Србија следете ги ОВДЕ.

Студентите во блокада, кои веќе две години ги предводат протестите во Србија, им се обратија на граѓаните за време на денешните парламентарни избори, заблагодарувајќи им се за трпението и повикувајќи ги да не се откажуваат од гласањето и покрај долгите редици пред избирачките места.

„Драги луѓе, ви благодариме за трпението што го покажавте досега. Победата, благодарение на вас, е поблиску од кога било“, објавија студентите на својот официјален профил на социјалната мрежа Икс.

Тие потсетија на двегодишната истрајност и борба, нагласувајќи дека долго го чекале овој ден и дека веруваат оти секој ден и секоја минута чекање биле вредни.

„Не се откажувајте. Редиците можеби се долги, но нашата волја е посилна“, порачаа студентите, додавајќи дека граѓаните се тие што одлучуваат за иднината на Србија.

Студентите објавија и податоци за излезноста, според кои до 14 часот гласале 46,3 отсто од избирачите врз основа на нивниот репрезентативен примерок. За споредба, на парламентарните избори во 2023 година, до истиот час излезноста изнесувала 32,38 отсто, според податоците на Републичката изборна комисија.

Според подоцнежните податоци на набљудувачката организација ЦРТА, до 16 часот гласале 56,4 отсто од запишаните избирачи. Избирачките места се затвораат во 20 часот, а право на глас имаат и граѓаните што во тој момент ќе се најдат во ред.

Текстот Студентите: Победата е поблиску од кога било, не се откажувајте од гласањето е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top