Студија: Повеќе од половина од луѓето кои прележале Ковид-19 чувствуваат симптоми и по неколку месеци

пред 4 години

Повеќе од половина од луѓето кои биле отпуштени од болница откако заболеле од ковид-19, чувствуваат симптоми како што се отежнато дишење, замор и анксиозност во следните два до три месеци, покажаа резултатите од помала британска студија.

Студијата, спроведена од научници од Универзитетот Оксфорд во Велика Британија, го следи долгорочното влијание на Ковид-19 врз 58 пациенти хоспитализирани со дијагноза на болеста.

Откриено е дека кај некои пациенти се развиле абнормалности во неколку органи по инфекција со коронавирус, и дека за некои, продолженото воспаление создавало здравствени проблеми со месеци.

Студијата сè уште не го поминала стручниот преглед на други научници, но заклучоците се објавени на веб-страницата MedRxiv.

„Овие откритија ја нагласуваат потребата за понатамошно истражување на физиолошките процеси поврзани со Ковид-19 и развојот на сеопфатен и комплементарен модел на клиничка нега за пациентите по излегувањето од болницата“, рече д-р. Бети Раман, коавтор на истражувањето од Оксфорд.

Претходниот извештај на британскиот Национален институт за здравство (НИХР) објавен минатата недела покажа дека времетраењето на болеста по инфекцијата со коронавирус, може да вклучува широк спектар на симптоми кои влијаат на различни делови од телото и умот.

Резултатите од студијата од Универзитетот во Оксфорд укажуваат дека дури и два до три месеци по појавата на симптомите на Ковид-19, 64 проценти од пациентите страдале од отежнато дишење, а 55 од нив пријавиле постојано чувство на замор.

Снимките покажале абнормалности на белите дробови кај 60 проценти од пациентите кои го надминале ковидот, абнормалности на бубрезите кај 29 проценти,неправилност во работата на срцето кај 26 проценти од пациентите и абнормалности на црниот дроб кај 10 проценти од пациентите.

Share
Scroll to Top