Белгија не сака да ги сноси ризиците од заем за репарација користејќи ги замрзнатите руски средства сама и може да се согласи на тоа само ако другите земји членки се согласат да ги споделат ризиците, а сè уште нема доволен напредок во врска со ова, изјави денес белгискиот премиер, Барт де Вевер.
„Сè уште не сум видел текст што би бил прифатлив за Белгија. Се надевам дека ќе го видам денес“, рече Вевер утрово во белгискиот парламент пред почетокот на самитот на лидерите на ЕУ, на кој прашањето за финансирање на Украина е главна тема.
„Секако дека можам да направам компромис, но тоа не е можно по одредени точки што ја загрозуваат финансиската безбедност на Европа и на Белгија“, рече тој.
Постојат 210 милијарди евра руски средства што се замрзнати во земјите членки на ЕУ. Повеќето од овие средства, 185 милијарди, беа депонирани во белгиската компанија „Еуроклеар“.
Де Вевер рече дека Комисијата постигнала напредок во своите предлози во врска со распределбата на финансискиот ризик во случај на неповолна арбитражна одлука и дека сите институции на ЕУ што поседуваат руски средства треба да бидат третирани еднакво со „Еуроклеар“.
Сепак, ова сè уште не е доволно во однос на обемот на покриеност на ризикот во случај на арбитражна одлука во Русија или во други јурисдикции на трети земји, како што се Кина или Јужна Африка, кои се повеќе или помалку блиски до Русија.
Белгија сака целосно споделување на ризикот и неограничени гаранции бидејќи ризиците не може да се предвидат.
Сепак, тешко е за другите земји членки да се согласат на неограничени гаранции бидејќи тоа би значело еден вид бланко-чек и прашањето е како да се даде согласност за нешто што не е однапред дефинирано.
Во последните денови, за време на интензивни преговори, Белгија се обиде да протурка друга опција за финансирање на Украина, заедничко задолжување, кое би било гарантирано од европскиот буџет.
Сепак, ова бара согласност од сите земји членки, што е невозможно со оглед на позицијата на Унгарија, а веројатно и на некои други земји.
фото/депозитфотос
Текстот Судбината на Украина зависи од Белгија, премиерот објави услови е превземен од МАКФАКС.






