Судии, обвинители, адвокати, како и граѓани и студенти од цела Србија денес одржаа протест пред Уставниот суд, а потоа и пред Правниот факултет во Белград.
Се собраа поради, како што велат, притисоците што ги трпи судството, особено во последната година, како и можноста за „укинување“ на Обвинителството за организиран криминал. Тие рекоа дека „правдата е слепа, но судството не е“.
Судијата Александар Трешњев истакна дека само оние што сториле кривични дела се плашат од обвинителите кои сакаат да си ја работат работата.
„Нема да кажат дека се плашат од обвинителството. Ќе речат дека има криминалци во тоа обвинителство. И не дојдовме тука да браниме некого по име и презиме. Дојдовме тука за нешто друго – да го браниме правото и обврската на обвинителот да напише обвинение кога има докази за тоа“, рече судијата Трешњев.
Милимир Лукиќ, судија во Апелациониот суд, изјави дека со најавената промена на законот, Обвинителството за организиран криминал дефинитивно ќе ја изгуби својата автономија и независност, како посебна карактеристика што овој орган мора да ја има кога дејствува за да ја извршува својата функција на законски начин.
„Во моментот кога Обвинителството за организиран криминал ќе стане дел од Вишото јавно обвинителство во Белград, директна последица ќе биде губењето на неговиот институционален капацитет за работа, а на крајот тоа ќе резултира со слабеење, а потоа и исчезнување на судските органи одговорни за организираниот криминал“, рече Лукиќ.
По сите говори, беше одржан 16-минутeн молк за жртвите од падот на настрешницата во Нови Сад.
Текстот Судии, обвинители и адвокати протестираа во Белград, велат дека трпат политички притисоци е превземен од МАКФАКС.






