Талибанците влегоа во авганистанскиот главен град Кабул, се чека мирно предавање на власта

пред 3 години

Талибанците стигнаа во авганистанскиот главен град Кабул, каде течат преговори за мирно предавање на власта.

Нивните борци имаат наредба да се воздржат од насилство и да дозволат безбедно напуштање на градот за сите кои сакаат да заминат.

„Посветени сме на преговорите и чекаме мирен пренос на власта во главниот град на Авганистан. Исто така, планирано е постигнување на посебен договор со кој ќе се заштити личниот имот. Во моментов нема борби, но ако не нападнат војниците на авганистанската влада, ние ќе возвратиме. Владата мора да ја разбере каква е ситуацијата на терен и која е желбата на народот“, изјави Сухаил Шахен, портпарол на талибанците.

Извори за „Гласот на Америка“ изјавиле дека оставката на авганистанскиот претседател Ашраф Гани била прифатена за време на разговорите во Кабул. Според нив, водачи и старешини од Авганистан ќе отпатуваат во Доха, каде што ќе се случи трансферот на власта.

Во меѓувреме, неофицијално беше објавено и дека авганистанскиот претседател Ашраф Гани ја напуштил земјата.

Улиците во Кабул се пренатрупани со автомобили, а луѓето брзаат кон своите домови или аеродроми, велат жителите на главниот град на Авганистан.

„Некои луѓе ги оставија клучевите во автомобилот и тргнаа накај аеродромот“, изјавил жител за „Ројтерс“.

Друг вели дека „сите луѓе бегаат од дома плашејќи се од борба“.

Во последните денови, многу Авганистанци ги напуштија своите домови во внатрешноста и пристигнаа во Кабул, стравувајќи од враќање на радикалната исламистичка власт.

Претходно во неделата, Талибанците без борба го зазедоа источниот град Јалалабад, добивајќи контрола врз еден од главните автопати во земјата. Тие го окупираа и блискиот граничен премин Торхам на границата со Пакистан, така што аеродромот во Кабул е единственото место контролирано од владата преку кое може да се напушти Авганистан.

Американскиот претседател, Џо Бајден во саботата го одобри распоредувањето на 5.000 војници за да помогнат во евакуацијата на граѓаните и да се обезбеди „уредно и безбедно“ повлекување на воениот персонал.

Талибанците велат дека брзото освојување на земјата покажува дека тие се прифатени од народот и ги уверуваат и граѓаните и странците дека можат да се чувствуваат безбедно.

 

Share
Scroll to Top