Службата за безбедност на Украина уапсила младо лице кое на Тикток објавило видео од гранатирањето на трговскиот центар во Киев, а во кое била откриена позицијата на украинските воени сили, пренесуваат украински портали.
Како што се наведува, Тиктокерот пред гранатирањето на трговскиот центар во Киев на оваа социјална мрежа објавил видео на кое се гледаат украински војници.
После тоа трговскиот центар во кој се наоѓале украинските војници претрпе силен ракетен напад од страна на руската армија.
„ Свесно или несвесно ова лице работело како непријателски набљудувач, што подоцна ќе го утврди истрагата. Апелираме до сите граѓани да не објавуваат податоци за движењето на воените единици на Вооружените сили на Украина, воените објекти и резултатите од непријателските удари“, се наведува во соопштението на СБУ.
Од друга страна, СБУ ги повика граѓаните да пренесуваат податоци за локацијата на непријателот преку чет-боксот „stop_russian_var_bot“ и партнерската апликација „Bachu.info“, која пренесува податоци дури и ако корисниците немаат интернет.
Во гранатирање на трговски центар во областа Подолски во неделата (20-ти март), руските војници убиле најмалку осум лица.