Од минатата сабота, кога започна првиот топлотен бран ова лето во Шпанија, регистрирани се 102 смртни случаи поврзани со висока температура и топлина, објави Системот за дневно следење на смртноста од сите причини (MoMo).
Вкупниот број на смртни случаи во текот на јуни оваа година, кој според податоците на Државната метеоролошка агенција (Aemet), беше оценет како најжешкиот месец некогаш регистриран во земјата, достигна 380, објави шпанскиот „Елмундо“.
Податоците на MoMo покажуваат дека вкупно 2.168 смртни случаи поврзани со топлина и студ се регистрирани во првата половина од годината, што претставува 68 проценти од вкупниот број смртни случаи поврзани со топлина за целата 2024 година, кога беа пријавени 3.521 смртни случаи. Јуни беше месецот со најголем број смртни случаи поради топлотен удар, при што понеделник, 30 јуни, беше денот со најголем број смртни случаи – 46, додека недела, 28 јуни, имаше 32 смртни случаи, што е ист број како и целиот јуни 2024 година.
Во јуни 2024 година немаше топлотни бранови, а просечната температура беше 19 степени Целзиусови, што го прави еден од „постудените месеци“ на Иберискиот Полуостров од април 2022 година.
Најголем број смртни случаи во јуни 2025 година е забележан кај жените – 237, додека поголемиот дел од жртвите беа над 65 години, а граѓаните над 75 години се особено изложени на ризик. Според податоците на Aemet, просечната температура во јуни оваа година изнесуваше 23 степени, што е за 0,8 степени повисоко од претходниот рекорден јуни од 2017 година, додека зголемувањето во споредба со просечната температура за периодот од 1991 до 2020 година изнесуваше дури 3,5 степени.
Јуни годинава започна со температура која надмина 43 степени во неколку градови на југот од Иберискиот Полуостров, а највисока температура е забележана во општината Алкончелу и Фуентес де Андалузија, каде што температурата достигна 43 степени, пренесува Танјуг.
Текстот Топлотен бран во Шпанија: регистрирани 102 смртни случаи е превземен од МАКФАКС.