Трагедија кај либискиот брег – испливаа тела на 27 мигранти, меѓу кои и бебе

пред 2 години

Тела на 27 мигранти, меѓу кои едно бебе и две жени, испливаа во близина на брегот на западниот дел на Либија, соопшти либиската Црвена полумесечина.

Телата се пронајдени доцна синоќа на две одвоени локации во близина на крајбрежниот град Хомс, додаде Црвената полумесечина. Тројца мигранти се спасени, а потрагата по останатите е во тек, пренесе АП.

Црвената полумесечина објави фотографии на кои се гледаат тела како лебдат во Медитеранот, како и работници на таа организација како ги ставаат во црни кеси, додава АП.

Мигрантите најверојатно се удавиле во неодамнешниот бродолом во близина на брегот на Либија, од каде многумина се обидуваат да стигнат до Европа.

Според податоците на Агенцијата за мигранти при Обединетите нации, годинава во бројни несреќи на море во централниот дел на Медитеранот се удавиле околу 1.500 мигранти.

Претходно овој месец, повеќе од 160 мигранти се удавија во два одделни бродоломи во близина на северноафриканската земја, соопшти Меѓународната организација за миграција.

Share
Scroll to Top