Трамп: Го уништуваме Иран, но нема долго да останеме

Трамп: Го уништуваме Иран, но нема долго да останеме

пред 2 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави за „Њујорк пост“ дека верува оти војната во Иран наскоро ќе заврши и дека други држави можат сами повторно да го отворат Ормускиот теснец. Трамп тоа го изјави откако на социјалните мрежи објави снимка од големи експлозии кај Исфахан, за кои тврди дека погодиле „многу нешта“.

„Нема да бидеме таму уште долго. Во моментов ги разнесуваме, тоа е целосно уништување“, рече претседателот во телефонски разговор. „Но нема да мораме да останеме уште долго. Имаме уште работа додека не ја уништиме нивната офанзива, односно сите офанзивни способности што им останале.“

Трамп порача дека други земји можат да го решат прашањето со Ормускиот теснец, кој Иран го држи затворен веќе 31 ден, што предизвика раст на цените на енергенсите на светскиот пазар.

„Па, мислам дека тој автоматски ќе се отвори. Мојот став е следен: Јас ја уништив таа земја. Тие веќе немаат сила. Нека земјите што го користат теснецот сега одат и го отворат… Претпоставувам дека оној што ја контролира нафтата ќе биде многу среќен да го отвори теснецот“, изјави тој.

Трамп ги критикуваше и американските сојузници што не се понудиле да учествуваат во мултинационална флота која би го отворила овој клучен пловен пат со сила.

Запрашан за напис на Волстрит џурнал дека е подготвен да ја заврши војната без повторно отворање на теснецот, Трамп одговори: „Искрено, не размислувам за тоа. Мојата единствена задача беше да се осигурам дека немаат нуклеарно оружје. И нема да го имаат. Кога ќе заминеме, теснецот автоматски ќе се отвори.“

Трамп не сакаше да открие што точно било погодено во ноќните воздушни напади кај Исфахан, голем град во близина на кој Иран имал нуклеарен објект. Сепак, рече дека бил изненаден од големината на експлозијата, што според него укажува на значајна цел на терен.

„Попрво не би зборувал за тоа, но ќе дознаете наскоро. Беа прилично големи, нели?“ рече Трамп. „Сè ќе се дознае, но тоа беше само уште едно од нивните прекрасни подрачја за кои се погриживме“, продолжи. „Тоа беше прекрасно. Прекрасно. Тоа се работи што ги разнесовме. Каква експлозија беше тоа.“

„Всушност беше поголема отколку што мислевме, што значи дека таму имале многу нешта. Им ги одземаме нуклеарните способности и постигнавме промена на режимот. Знаете, сега имаме работа со сосема поинаква гарнитура луѓе, и тие се многу поразумни од претходниците, многу поразумни“, рече Трамп, додавајќи: „И тоа навистина е промена на режим.“

Претседателот одби да каже дали размислува да го испрати својот преговарачки тим, во кој се специјалниот пратеник Стив Виткоф и потпретседателот Џеј Ди Венс, во Пакистан или во друга земја.

„Не сакам да го кажам тоа. Не можам да разговарам со вас за тие работи, за сето тоа. Во ред? Едноставно не можам. Смешно е, нели? Што сакате, да ви ја откријам мојата стратегија? Да ви ја откријам мојата стратегија?“ рече тој.

И покрај тоа што предвидува брз крај на војната, Трамп ги остави сите опции отворени и распореди илјадници американски војници во регионот за можни копнени операции. Меѓу нив има две амфибиски јуришни групи на маринци и падобрански единици од копнената војска.

Фото: Depositphotos

Текстот Трамп: Го уништуваме Иран, но нема долго да останеме е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top