Американскиот претседател Доналд Трамп упати нова закана кон Иран, предупредувајќи дека САД повторно ќе извршат силни напади доколку Техеран не ги запре своите сојузници во Либан.
Во објава на социјалната мрежа „Трут Соушл“, Трамп директно се осврна на Хезболах, проиранската вооружена група која со месеци разменува оган со Израел.
„Иран мора веднаш да ги запре своите скапо платени сојузници во Либан кои создаваат проблеми. Ако тоа не го направат, повторно ќе го погодиме Иран многу силно, исто како минатата недела, само уште посилно“, напиша Трамп.
Иран: Либан е главна тема во разговорите со САД
Од друга страна, Иран соопшти дека ситуацијата во Либан ќе биде една од главните теми на денешните разговори со американските претставници во Швајцарија.
Портпаролот на иранското Министерство за надворешни работи, Есмаил Багаи, изјави дека Израел продолжува да ги прекршува своите обврски кон Либан преку речиси секојдневните напади врз цели поврзани со Хезболах.
„Ционистичкиот режим и понатаму ги крши своите обврски кон Либан. Тоа прашање ќе биде главна тема на денешната дискусија“, изјави Багаи.
Тој додаде дека за Иран прекинот на непријателствата во Либан е од клучно значење, а на разговорите ќе се отвори и прашањето за одмрзнување на иранските средства во странство и извозот на иранска нафта.
Израел нема намера да се повлече
Во меѓувреме, Израел порача дека неговите сили ќе продолжат да дејствуваат во јужен Либан и дека нема ограничувања за отстранување на заканите кон израелската безбедност.
Израелскиот министер за одбрана, Израел Кац, изјави дека армијата може да дејствува „без никакви ограничувања“ против сите закани што доаѓаат од либанска територија.
Тој повтори дека Израел нема да се повлече од таканаречената „безбедносна зона“ во јужен Либан, област која се протега околу десет километри во внатрешноста на либанската територија и во која се распоредени израелски сили.
Текстот Трамп му се закани на Иран со нови напади ако не го запре Хезболах е превземен од МАКФАКС.





