Трамп му се заканува на Мексико со царини

Трамп му се заканува на Мексико со царини

пред 2 часа

Американскиот претседател Доналд Трамп го обвини Мексико дека неправедно се однесува кон американските земјоделци и се закани дека ќе воведе повисоки тарифи, наведувајќи прекршувања на договорот за вода што им штети на земјоделците од Тексас. Трамп ги објави своите намери на социјалната мрежа Truth Social, повторно посегнувајќи по своето омилено економско оружје, објавува CNN.

„Во моментов, Мексико не реагира, а тоа е многу неправедно кон нашите американски земјоделци кои ја заслужуваат оваа многу потребна вода“, рече Трамп. „Затоа одобрив документација за воведување тарифа од 5% за Мексико ако оваа вода НЕ се пушти, СЕГА“.

Во срцето на спорот е Договорот за вода Колорадо-Тихуана-Рио Гранде, потпишан во 1944 година. Според него, САД треба да добиваат просечно најмалку 350.000 акри-стапки вода од притоките на Рио Гранде секоја година. САД го обвинуваат Мексико дека со децении не ги исполнува своите обврски.

Според проценките на Меѓународната комисија за граници и води, американска владина агенција, Мексико им должи на САД 73.000 акри-стапки вода во текот на изминатите пет години. Иако Мексико можеби е договорно обврзано да ја надомести разликата во текот на следните пет години, толкувањето во голема мера зависи од недефинираната состојба на „вонредна суша“.

Суша во Тексас и загуби од милијарди долари
Тексас во моментов се соочува со суша, поради што многу земјоделци не можат да ги наводнуваат своите посеви и добиток. Локалните власти и членовите на Конгресот веќе предупредија за проблемот, а претходно оваа година беше поднесен закон за казнување на Мексико, но тој не беше усвоен.

Републиканецот од Тексас, Џоди Арингтон, на сослушувањето во Претставничкиот дом минатата година изјави дека недостигот на вода од Мексико довел до загуба од милијарда долари во наводнуваните посеви во неговата држава.

Ова не е прв пат Трамп да се закани дека ќе го стори тоа по ова прашање. Во април, тој објави слична закана на Truth Social за неодредена тарифа и можни санкции доколку Мексико не ја отпушти водата што им ја должи на Соединетите Држави.

Неизвесна иднина на трговскиот договор
Мексико е најголемиот трговски партнер на Америка, а дополнителна царина од 5% би го зголемила вкупниот данок на мексиканската стока увезена во САД на 30%.

Сепак, не е јасно какво вистинско влијание би имале царините, доколку воопшто бидат воведени. Огромното мнозинство мексикански стоки во моментов се ослободени од царините на Трамп според условите на Договорот меѓу САД, Мексико и Канада (USMCA).

Но, судбината на тој договор е неизвесна. Ревизијата е закажана за јули следната година, а администрацијата на Трамп веќе сигнализираше дека е подготвена да го остави договорот да истече, што би отворило врата за нови трговски тензии.

Текстот Трамп му се заканува на Мексико со царини е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top