Турскиот министер за заштита на животната средина и урбан развој, Мурат Курум најави одобрување на планот за изградба на Истанбулскиот канал. Тоа е нова пловна артерија што би ги поврзала Црно и Мрaмoрно море.
„ Го одобривме планот за изградба на Истанбулскиот канал откако ги испитавме сите барања и приговори. Во тој контекст, ќе преземеме брзи чекори за да осигуриме дека каналот служи во корист на нашиот град”, напиша Курум на својата страница на Твитер.
Турција планираше да започне со изградба на нов канал долг 51 километар во 2018 година. Во тоа време, работата беше планирана да заврши во 2023 година, до 100-годишнината од основањето на Република Турција. Приближната цена на проектот е 10 милијарди долари, пишува „Хина“.
Ердоган го најави проектот во 2011 година. Турскиот претседател постојано изјавуваше дека наскоро ќе се одржи конкурс за изградба на Истанбулскиот канал, кој ќе се одвива паралелно со Босфорот.
Турската опозиција и градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, се спротивставуваат на проектот и бараат да биде распишан референдум.
Се проценува дека новиот канал би можел да помине околу 160 бродови дневно, вклучително и танкери со носивост до 300 илјади тони.
Низ Босфор годишно поминуваат 53 илјади бродови.