Уапсена добитничката на Нобелова награда за мир

Уапсена добитничката на Нобелова награда за мир

пред 3 часа

Иранските власти денес ја уапсија добитничката на Нобелова награда за мир, Наргес Мохамади (53), соопшти Фондацијата Наргес, која работи во нејзино име.

Во соопштението се наведува дека Мохамади е приведена во Мешад, околу 680 километри североисточно од главниот град Техеран, каде што присуствувала на комеморација за адвокатот за човекови права Хосров Аликорди, кој неодамна беше пронајден мртов под сомнителни околности, пренесува АП.

Нејзините поддржувачи објавија дека Мохамади е „присилно приведена“ од „безбедносните и полициските сили“.

Во соопштението се наведува дека се уапсени и други активисти кои присуствувале на церемонијата во чест на иранскиот адвокат и борец за човекови права Хосров Аликорди (46), кој работел во Мешед.

„Фондацијата Наргес повикува на итно и безусловно ослободување на сите притворени лица кои присуствувале на комеморативната церемонија со цел да искажат почит и да покажат солидарност. Нивното апсење претставува сериозно кршење на основните слободи“, се наведува во соопштението.

Аликорди беше пронајден мртов претходно овој месец во неговата канцеларија, а официјалната причина за смртта беше наведена како срцев удар, но повеќе од 80 адвокати потпишаа изјава во која бараат повеќе информации.

Мохамади е на принуден одмор од декември 2024 година, кога беше ослободена од медицински причини од озлогласениот затвор Евин во Техеран, каде што отслужуваше 13-годишна и деветмесечна казна по обвинение за дослух против државната безбедност и пропаганда против иранската влада.

Официјален Иран не коментираше за притворањето на Мохамади, а не е познато дали властите веднаш ја вратија во затвор за да го отслужи остатокот од казната.

Мохамади ја доби Нобеловата награда за мир во 2023 година.

„Гардијан“ наведува дека Мохамади, инженер по професија, била затворена 13 пати и осудувана пет пати, а вкупно била осудена на повеќе од 30 години затвор.

Фото: депозитфотос

Текстот Уапсена добитничката на Нобелова награда за мир е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top