Убиецот на Џон Ленон по 45 години: Го убив за да бидам познат, само скријте ме некаде под тепих

Убиецот на Џон Ленон по 45 години: Го убив за да бидам познат, само скријте ме некаде под тепих

пред 10 часа

Марк Дејвид Чепмен, кој го уби Џон Ленон, рече дека го убил од патетична желба да биде некој. Тој ова го изјави неодамна пред комисијата за условно ослободување, во пресрет на 45-годишнината од шокантното злосторство.

„Ова беше поради мене и само мене, за жал, и имаше сè врска со неговата популарност“, изјавил во август седумдесетгодишниот Чепмен, кој е во казнено-поправната установа Грин Хејвен во округот Дачис, според транскриптот од интервјуто до кој во петокот дојде Њујорк Пост.

Чепмен, кој го уби обожуваниот четириесетгодишен Ленон на 8 декември 1980 година, по четиринаесетти пат безуспешно се обиде да излезе од затвор. Тој се извини за празнината што ѝ ја остави на публиката и пријателите на рок-легендата, но како што покажуваат документите, комисијата не поверувала во неговото каење.

На прашањето зошто сакал да го убие Ленон, одговорил: „За да бидам познат, да бидам нешто што не сум.“

„А потоа сфатив, еј, тука има цел“, продолжил Чепмен. „Не морам да умрам и можам да бидам некој. Толку ниско паднав.“

Во текот на претходните сослушувања за условно ослободување, Чепмен давал слични изјави поврзани со желбата за слава, кажувајќи дека сакал да биде познат и дека имал зло во себеси.

На сослушувањето на 27 август, повторно ја опишал бруталноста на убиството, кажувајќи на комисијата дека доаѓал во Менхетн од Хаваи месеците претходно решен да ја убије рок-иконата, откако се идентификувал со Холден Каулфилд од романот „Ловец во житото“ и почнал да верува дека Ленон е „лажен“.

Тогаш 25-годишниот Чепмен го чекал Ленон, но Ленон не се појавил. Два месеца подоцна, Чепмен се вратил откако опсесијата повторно почнала да се зголемува.

„Тогаш тоа утро, 8 декември, едноставно знаев. Не знам како знаев, но знаев дека тоа ќе биде денот кога ќе го сретнам и ќе го убијам“, изјавил Чепмен.

Кога Ленон излегол од лимузината со сопругата Јоко Оно, Чепмен пукал во него четири пати во грбот, само неколку часа откако му бил потпишан албумот од страна на музичарот.

Тој бил осуден на казна од 20 години до доживотен затвор.

Во последните години, Чепмен го минува времето читајќи ја Библијата навечер, играјќи одбојка со други затвореници и разговарајќи со сопругата Глорија, со која е во брак 46 години.

Чепмен изразил каење за убиството на неколку сослушувања за условно ослободување, вклучувајќи го и последното.

„Тој беше човечко битие“, рекол тој мислејќи на Ленон.

„Еве ме мене, живеам многу подолго, и не само семејството туку и неговите пријатели и фанови — се извинувам за агонијата низ која мораа да поминат. Во времето на злосторството воопшто не размислував за тоа, не ми беше гајле.“

Сепак, комисијата заклучила дека му недостасува „вистинско каење или значајна емпатија“ кон жртвите. Следното сослушување за негово евентуално условно ослободување ќе може да се одржи во 2027 година.

Чепмен сега вели дека би сакал да избегне јавен интерес.

„Веќе немам никаков интерес да бидам познат“, рекол тој.

„Само ставете ме некаде под тепих. Веќе не сакам да бидам познат, точка.“

Текстот Убиецот на Џон Ленон по 45 години: Го убив за да бидам познат, само скријте ме некаде под тепих е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top