Украина: Бегалците мета на криминални банди?

пред 2 години

Многу луѓе сакаат да им помогнат на бегалците од Украина, но меѓу нив очигледно има и такви со криминални намери. Експертите предупредуваат на „потенцијална катастрофа“ на која се изложени луѓето во бегство, пишува Дојче Веле.

Уапсен маж во Полска е осомничен дека силувал млада Украинка. Според германските портали, тој на девојката бегалка од Украина и понудил бесплатно сместување, а потоа сексуално ја злоставувал. Друг маж и понудил соба и работа на 16-годишна девојка, но потоа, како што пишува германски портал, интервенирале претставници на полските власти.

Во бегалскиот камп Медика во близина на границата на Полска со Украина, вниманието го привлече маж кој нудел помош само на жени и девојки. Кога полицијата го прашала за мотивите, тој ја променил приказната, пренесуваат медиумите.

Ова се само дел од многуте приказни во последните денови кои документираат дека најранливите групи, милиони жени и деца кои бегаат од Украина од руската инвазија, се соочуваат со уште една закана од експлоатација. Властите и хуманитарните организации се загрижени за оваа состојба и се обидуваат да ги заштитат бегалците од трговија со луѓе и други форми на злоупотреба.

„Тие се во ситуација кога некои луѓе, како трговците со луѓе, бараат начини да ги искористат“, рече Јонг-ах Гедини-Вилијамс, шеф за глобални комуникации во Агенцијата за бегалци на ОН. Тие во последните денови ги посетија пограничните области во Романија, Полска и Молдавија.

Според ОН, Украина досега ја напуштиле повеќе од 2,5 милиони луѓе, меѓу кои и повеќе од еден милион деца. Во земјите од соседството на Украина, Романија, Полска, Унгарија, Молдавија и Словачка, постои голема подготвеност да им се помогне на бегалците. Но, ризиците очигледно се големи.

Последниве денови берлинската полиција објави на социјалните мрежи (на украински и руски) со предупредување жените и девојките од Украина да не прифаќаат понуди од непознати лица кои нудат помош за бегалците, односно сместување во Германија.

Share
Scroll to Top