Украина предложила неутрален статус и гаранции дека нема да се приклучува во воени сојузи

пред 3 години

Украинскиот преговарачки тим соопшти дека предложил усвојување неутрален статус со потпишување гаранции дека нема да се приклучи на воени сојузи или да биде домаќин на воени бази.

Предлозите на Украина опфаќаат и 15-годишен период на консултации за статусот на анектираниот Крим и ќе стапат на сила само во случај на целосен прекин на огнот, изјавија преговарачите за новинарите во Истанбул.

Ова се најдетални и најконкретни предлози што Украина досега ги објави во јавноста, пренесува „Ројтерс“.

„Ако успееме да ги консолидираме овие клучни одредби, а за нас тоа е најосновно, тогаш Украина ќе биде во позиција да го промени својот сегашен статус како неблоковска и ненуклеарна држава во форма на постојана неутралност“, рече преговарачот Олекандер Чалиј во директен пренос на украинската национална телевизија.

„Ние нема да бидеме домаќини на странски воени бази на наша територија, ниту ќе распоредуваме воени контингенти на нашата територија, ниту ќе влегуваме во воено-политички сојузи“, додаде тој.

За разговорите зборуваше и главниот руски преговарач и советник на Путин, Владимир Медински, кој оцени дека денешните преговори биле конструктивни.

„Од Украина добивме предлози да ја разгледаме нивната јасно формулирана позиција за мировниот договор. Предлозите ќе бидат разгледани и доставени до претседателот во наредниот период и ќе биде формулиран одговор“, рече Медински.

Медински нагласи и дека во иднина може да се сретнат рускиот претседател Владимир Путин и неговиот украински колега Владимир Зеленски.

„Можна е средба меѓу Путин и Зеленски во исто време со прелиминарното потпишување на мировниот договор“, рече Медински.

Share
Scroll to Top