Украина се вооружува со американски противтенковски и противвоздушни ракети

пред 2 години

Членките на НАТО, Естонија, Летонија и Литванија ќе ѝ достават на Украина противтенковски и противвоздушни ракети од американско производство, соопштија министрите за одбрана на овие земји во заедничка изјава.

„Естонија, Летонија и Литванија и нивните сојузници работат заедно за брзо предавање на безбедносната помош на Украина“, се вели во соопштението. Естонија ќе испрати противтенковски ракети „џавелин“, а Летонија и Литванија ќе испратат противвоздушни ракети „стингер“.

Стејт департментот на САД им дозволи на Литванија, Летонија и Естонија да испратат американски проектили и друго оружје во Украина, изјавиле во средата три извори запознаени со одлуката, откако американскиот претседател Џо Бајден прогнозираше дека Русија ќе тргне на Украина.

Западните земји стравуваат дека Москва планира нов напад врз Украина, по оној од 2014 година кога беше извршена анексија на Крим.

Русија го негира ова, но вели дека би можела да преземе неодредена воена акција доколку не се исполнат нејзините безбедносни барања, вклучително и ветувањето дека Украина никогаш нема да може да се приклучи на НАТО.

Share
Scroll to Top