Унгарија бесна на Бугарија: Данокот за транспорт на руски гас е непријателски чин

Унгарија бесна на Бугарија: Данокот за транспорт на руски гас е непријателски чин

пред 6 месеци

Унгарскиот шеф на дипломатијата, Петер Сијарто, најавата на Бугарија дека ќе воведе данок за транспорт на руски гас преку нејзина територија ја нарече непријателски чин што ја доведува во прашање европската солидарност и е против европските регулативи кои не дозволуваат воведување даноци и царини меѓу земјите-членки на Европската Унија.

Сијарто на заедничката прес-конференција по разговорот со српската министерка за енергетика Дубравка Ѓедовиќ-Хандановиќ оцени дека Бугарија донела одлуки кои ја загрозуваат безбедноста на снабдувањето со гас на Северна Македонија, Србија и Унгарија, што е неприфатливо.

Никој нема право да го доведува во прашање снабдувањето со енергија на една земја, а Бугарија воведе данок за транзит на руски гас без претходна најава, со што ја загрозува безбедноста на снабдувањето на Северна Македонија, Србија и Унгарија, рече шефот на унгарската дипломатија.

Тој рече дека Унгарија се обратила до Европската комисија и дека денеска со Србија е договорена натамошна координација на следните чекори и заеднички одговор.

„Се надеваме дека европските правила ќе бидат почитувани и во овој случај“, рече Сијарто, заблагодарувајќи и се на Србија „за сојузничкиот пристап“ во однос на соработката за безбедно снабдување со енергија.

Ѓедовиќ Хандановиќ го истакна пријателството и исклучително добрите односи со Унгарија, особено во услови на енергетска криза, кога „важно е да има партнери на кои може да се потпрете“.

Таа посочи дека резервите на гас што ги има Србија во изнајмените магацини во Унгарија се поголеми од лани и со зголемени залихи на домашниот пазар сега достигнуваат околу 680 милиони кубни метри, што е значајно за економијата и граѓаните во пресрет на претстојната зимска сезона.

Унгарија смета на безбедни испораки на гас преку Балканскиот поток преку Србија, а тема на разговор беа можностите за дополнителни капацитети за потребите на Унгарија, рече Ѓедовиќ Хандановиќ.

Според неа, Србија официјално се обратила до Енергетската заедница во врска со данокот воведен од Бугарија и додаде дека „ова прашање е и на масата на Европската комисија“.

Таа очекува гасната интерконекција Србија-Бугарија, преку која гасот ќе стигне до Србија, да профункционира до крајот на ноември.

На средбата се разговараше и за следење на реализацијата на проектот за изградба на нафтоводот Србија-Унгарија, кој ќе обезбеди дополнителна рута за испорака на сурова нафта на српскиот пазар.

„Очекуваме почеток на работите на изградбата на нафтоводот, кој е инвестиција вредна околу 150 милиони евра, во втората половина на 2025 година, а планираниот капацитет е 5,5 милиони тони нафта“, изјави српскиот министер за енергетика. .

Пред два дена во Баку, Ѓедовиќ Хандановиќ потпиша договор за снабдување на Србија со гас од Азербејџан.

Текстот Унгарија бесна на Бугарија: Данокот за транспорт на руски гас е непријателски чин е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top