Унгарија: Влезот на Украина во ЕУ до 2030 година не е реален

Унгарија: Влезот на Украина во ЕУ до 2030 година не е реален

пред 3 часа

Унгарија не смета дека е реално Украина да стане членка на Европската Унија до 2030 година, изјави денес министерката за надворешни работи Анита Орбан за време на нејзината посета на Вилнус, објави литванскиот јавен сервис „ЛРТ“.

Орбан одговараше на прашањето дали Украина може да се приклучи на ЕУ до 2030 година.

„Не мислиме дека тоа е реално. Силно го поддржуваме процесот базиран на заслуги и, според мене, се согласуваме со Литванија за тоа“, рече министерката.

Таа изјави дека сите земји-кандидатки мора да ги исполнат истите услови, исклучувајќи ја можноста за забрзано пристапување на Украина.

„Секоја земја мора да помине низ истиот процес низ кој поминавме ние. Исто така, не поддржуваме никакво забрзано пристапување“, рече таа.

Во исто време, Орбан истакна дека Украина постигнала значителен напредок во процесот на пристапување, бидејќи четири од шест преговарачки групи се отворени. Таа дел од овој напредок го поврза со подобрувањето на односите меѓу Унгарија и Украина, како и со договорот за заштита на правата на унгарското национално малцинство во Закарпатија.

Шефот на литванската дипломатија, Кестутис Будрис, изрази поголем оптимизам во врска со можноста Украина да се приклучи на ЕУ до 2030 година, нагласувајќи дека треба да се утврди целен датум.

„Пооптимисти сме кога станува збор за роковите. Веруваме дека целниот датум може и треба да се утврди“, рече Будрис.

Тој изјави дека пристапувањето до 2030 година е теоретски можно ако Украина ги спроведе потребните реформи доволно брзо, а ЕУ ги заврши потребните фази од тој процес навремено.

„Веруваме дека сè уште е можно да се завршат сите процеси до 2030 година. Ако успееме да направиме сè доволно брзо од страна на Европската Унија, а Украина ги спроведе реформите, тоа е теоретски можно“, рече Будрис.

Текстот Унгарија: Влезот на Украина во ЕУ до 2030 година не е реален е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top