Среде тензиите меѓу Украина и Русија, се појави првата земја што не сака да биде домаќин на трупите на НАТО.
Унгарија нема да дозволи распоредување дополнителни сили на нејзина територија, бидејќи националната армија е способна да обезбеди национална безбедност во екот на тензиите околу Украина, изјави министерот за надворешни работи Петер Сијарто.
„ Не, ние не се согласивме со тоа и нема да се согласиме, бидејќи веќе имаме војници на НАТО на територијата на земјата, а тоа се унгарската армија и унгарските вооружени сили, кои се способни да ја гарантираат безбедноста на земјата. Значи, не ни требаат дополнителни војници на територијата на Унгарија“, изјави Сијарто за „Еуроњуз“.
Претходно овој месец, портпаролот на американското Министерство за одбрана Џон Кирби изјави дека Вашингтон привремено ќе распореди дополнителни американски војници во Источна Европа поради украинската криза.
Поточно, ескадрила од 1.000 членови ќе биде преместена од Германија во Романија за да им се придружи на 900-те американски војници кои се веќе присутни во земјата.
Првите 100 американски војници веќе пристигнаа во Романија. Во Полска треба да бидат стационирани уште 1.700 војници, објави „Спутник“.