Уставниот суд на Франција ги одобри потврдите за вакцинација

пред 2 години

Уставниот суд на Франција денеска ги одобри повеќето одредби од спорниот закон со кој се воведува потврда за вакцинација со цел заштита на јавното здравје во време на пандемија.

Собранието во неделата го усвои конечниот текст, а потврдата за вакцинација ќе се применува од понеделник, 24 јануари, како што најави премиерот Жан Кастекс.

Според новиот закон, сите лица на возраст над 16 години ќе треба да имаат потврда за вакцинација за да влезат во локали за забава, ресторани и барови, саеми и јавен превоз што ги поврзува провинциите.

Негативен тест повеќе нема да биде доволен, освен за влез во здравствени установи.

Сепак, цензурирана е можноста организаторите на политички собири да бараат санитарна пропусница од учесниците.

На повик од групата Непокорна Франција (радикална левица), шеесетина претставници на различни партии, како и сенатори од социјалистичката партија, побараа од Уставниот суд да ја оцени уставноста на предложениот закон бидејќи сметаат дека една одредба ги нарушува основните слободи.

Share
Scroll to Top