Претседателот на САД, Доналд Трамп се јавил во полицијата во Палм Бич, Флорида, кратко откако во средината на 2000-тите била покрената истрага против Џефри Епстин, за да им изрази благодарност, открива новооткриен документ.
„Фала му на Бога што го запирате“, наводно рекол Трамп, додавајќи: „Сите знаеја дека го прави тоа“, објави Си-Ен-Ен.
Документот претставува писмен запис од разговор на ФБИ со поранешниот началник на полицијата во округот Палм Бич и би можел да отвори дополнителни прашања за тоа што и кога точно Трамп знаел за Епстин и неговите злосторства. Претседателот Трамп и Белата куќа повеќепати тврдеа дека тој ги прекинал сите врски со Епстин во раните 2000-ти затоа што го сметал за „морничав тип“.
Според „Мајами Хералд“, кој прв ја објави приказната, во документот е забележан разговор со Мајкл Рајтер, чие име во списите било редактирано. Рајтер бил началник на полицијата во Палм Бич во времето на повикот.
Во разговорот, Трамп наводно рекол дека луѓето во Њујорк знаеле дека Епстин е „одвратен“. За неговата соработничка Гислеин Максвел рекол дека е „оперативец на Епстин“, додавајќи: „Таа е зла и на неа треба да се фокусираме.“
Во документот се наведува и дека Трамп раскажал како еднаш се нашол во близина на Епстин во присуство на тинејџерки и побегнал. Наводно бил меѓу првите луѓе кои се јавиле во полициската станица во Палм Бич по објавувањето на истрагата против Епстин.
Документот е дел од милиони страници што Министерството за правда ги објави врз основа на нов закон донесен од Конгресот.
Белата куќа барањето за коментар го препратила до Министерството за правда. Од Министерството изјавиле: „Не сме запознаени со какви било поткрепувачки докази дека претседателот контактирал со полицијата пред 20 години.“
Прашањето што Трамп знаел за Епстин и неговите злосторства повторно е во фокусот поради обновениот интерес на јавноста и објавувањето милиони страници документи поврзани со починатиот осуден сексуален престапник.
Трамп претходно изјавувал дека тој и Епстин биле пријатели во 1990-тите и се движеле во истите кругови во Палм Бич, сè додека не се скарале во раните 2000-ти. Според Трамп, конфликтот довел до тоа Епстин да добие забрана за влез во неговиот клуб „Мар-а-Лаго“.
Трамп тврди дека до кавгата дошло затоа што Епстин му „преземал вработени“, но негира дека знаел нешто за неговите злосторства. „Не ми се допаѓа концептот луѓе да ми земаат персонал“, изјавил Трамп во јули. „Луѓе беа одведени од спа-центарот, тој ги вработи, со други зборови, си заминаа.“
„Кога слушнав за тоа, му реков дека не сакаме да ни зема луѓе – од спа-центарот или од каде било. Тој се согласи, но набрзо повторно го направи тоа и му реков: Бегај одовде’“, раскажал Трамп.
Во еден момент тој навестил дека една од тие лица можеби била Вирџинија Џуфре, една од најпознатите жртви на Епстин, но подоцна изјавил дека не знае зошто тие жени го напуштиле неговиот клуб.
Наводниот опис на Максвел како „зла“ е во спротивност со реакцијата на Трамп по нејзиното апсење во 2020 година, кога изјави: „И посакувам сè најдобро.“ Максвел во моментов издржува долга затворска казна за трговија со луѓе за сексуална експлоатација.
Нејзиниот адвокат изјавил дека би била подготвена „целосно и искрено да зборува ако претседателот Трамп ѝ додели помилување“. Во разговор со заменик-државниот обвинител Тод Бланш, Максвел изјавила дека „апсолутно никогаш“ не слушнала ниту од Епстин ниту од некој друг дека Трамп направил нешто непримерно.
Во јули, Трамп за Си-Ен-Ен изјавил дека не размислувал за помилување или намалување на казната на Максвел, иако не ја исклучил можноста. „Тоа е нешто за што не сум размислувал“, рекол. „Имам право да го направам тоа, но не сум размислувал за тоа.“
Текстот „Фала му на Бога што го запирате“: Запис од ФБИ открива дека Трамп се јавил во полицијата во Палм Бич по истрагата против Епстин е превземен од МАКФАКС.






