„Фајзер“ не доби одобрение за вакцината во Индија

пред 3 години

Американскиот „Фајзер“ го повлече барањето за одобрување за итна употреба на својата вакцина во Индија, потврдија од компанијата за „Ројтерс“.

„Фајзер“, првата компанија која во Индија поднесе барање за итно одобрување на употребата на вакцината што ја развива со германскиот „Бионтек“, соопшти дека во средата имале состанок со државниот регулатор на лекови и дека потоа е донесена одлуката.

„Врз основа на разговорот на состанокот и нашето разбирање дека на регулаторот му се потребни дополнителни информации, компанијата одлучи да ја повлече својата апликација во овој момент. Фајзер ќе продолжи да контактира со властите и повторно ќе достави барање за одобрување со дополнителни информации веднаш штом ќе станат достапни, што се очекува наскоро“, се наведува во изјавата за „Ројтерс“.

„Фајзер“ побара одобрување за неговата вакцина во Индија кон крајот на минатата година, но владата одобри две многу поевтини во јануари, едната развиена од „Астра Зенека“ и Универзитетот „Оксфорд“ и другата развиена дома од „Барат Биотек“ со Индискиот совет за медицински истражувања.

Агенцијата наведува дека индиската Централна организација за контрола на лекови одбила да го прифати барањето за одобрување поради недоволниот обем на локалното испитување на безбедноста и ефикасноста на вакцината за Индијците.

Индиските здравствени власти велат дека претежно бараат т.н. преодни тестови за да утврдат дали вакцината е безбедна и дали создава имунолошки одговор кај нејзините жители чиј генетски состав може да се разликува од луѓето во западните земји.

 

Share
Scroll to Top