„Фајзер“ објави дека повлекува три од своите лекови за висок крвен притисок од пазарот. Станува збор за Акуретик (Accuretic) и неговите две генерички верзии дистрибуирани од „Гринстон“ (Greenstone).
„Фајзер“ самостојно одлучи да ги повлече таблетите кои содржат повисоки нивоа на нитрозамини, соединенија кои можат да доведат до развој на рак. Но, компанијата соопшти дека „не постои таков непосреден ризик за пациентите кои го земаат овој лек“.
„ Нитрозамините најчесто се наоѓаат во водата и храната; во суво месо и млечни производи и во зеленчук. Секој е изложен на одредено ниво на нитрозамин. Овие нечистотии може да го зголемат ризикот од рак доколку некој е изложен на нив во големи количини во подолг период од времето“, соопшти фармацевтската компанија.
Компанијата додаде дека досега нема извештаи за негативни ефекти по употребата на гореспоменатите лекови за висок крвен притисок и дека овие производи имаат безбедносен профил врз основа на повеќе од 20 години искуство.
Оттаму ги советуваат пациентите кои досега ги земале нивните лекови да се консултираат со својот лекар за алтернативни третмани.
Нитрозамините во лековите се формираат во процесот на производство поради одредени хемиски реакции. Ги наоѓаме во храната, тутунот, козметиката, водата, воздухот, земјоделските хемикалии.
Најмногу сме изложени на нив преку пушењето и тутунските производи, а најчесто преку исхраната која вклучува сувомеснати производи, пржена и пушена конзервирана храна. Нитрозамините во водата за пиење, воздухот и козметиката се присутни во прилично ниски концентрации.