ФБИ врши претрес на јахтата на руски олигарх вредна 120 милиони долари

пред 3 години

Американските федерални агенти и шпанската цивилна гарда денеска претресоа јахта во сопственост на рускиот милијардер Виктор Векселберг, близок соработник на рускиот претседател Владимир Путин, во близина на Балеарските острови во Медитеранот.

Полицајци се качиле на јахтата во марината Реал во пристаништето Палма де Мајорка, главниот град на шпанските Балеарски Острови во Средоземното Море.

Новинарите на АП на местото на настанот ја виделе полицијата како влегува и излегува од бродот во раните утрински часови, а портпарол на шпанската цивилна гарда, кој побарал анонимност, потврдил дека шпанската полиција и службеници на ФБИ од утрово се во пристаништето и ја пребаруваат јахтата на рускиот милијардер.

Извор од Цивилната гарда за агенцијата АП изјавил дека јахтата „Танго“ долга 78 метри, плови под знамето на Куковите острови, вреди околу 120 милиони долари и е предмет на полициска истрага.

Бродот е во сопственост на рускиот олигарх Виктор Векселберг, кој е на чело на московската Renova Group, конгломерат кој се занимава со метали, рударство и технологија, според документите на американското Министерство за финансии.

Целиот имот на Векселберг во САД е замрзнат, а на американските компании им е забрането да работат со него и неговите деловни субјекти.

Share
Scroll to Top