Финскиот претседател е подготвен да преговара со Русија во име на ЕУ

Финскиот претседател е подготвен да преговара со Русија во име на ЕУ

пред 4 часа

Финскиот претседател Александар Стуб изјави дека би бил подготвен да ја претставува Европската Унија во евентуалните мировни преговори со Русија, доколку од него се побара таква улога.

Во интервју за финскиот јавен сервис „Yle“, Стуб, одговарајќи на прашањето дали би прифатил да биде европски претставник во разговорите за прекин на војната во Украина, рече дека ова е едно од прашањата на кои, како што изјави, не може да се одговори негативно.

„Ако мене ме прашавте, тоа е веројатно единственото прашање на кое не можете да кажете не“, рече финскиот претседател.

Сепак, тој нагласи дека дијалогот со Москва може да започне само откако Русија ќе се согласи на прекин на огнот. Според него, само по прекинот на непријателствата, би било можно да се разговара за мировниот процес и за евентуалното политичко решение.

Москва, од друга страна, инсистира на свои услови за прекин на огнот, меѓу кои е и повлекувањето на украинските сили од Донбас, што Киев го отфрла. На таков пристап се спротивставуваат и европските земји, кои сметаат дека прекинот на огнот треба да претходи на сите политички преговори.

Финските медиуми претходно објавија дека Стуб би можел да игра значајна улога во евентуалниот европски преговарачки формат со Русија. Во европските дипломатски кругови, поранешниот италијански премиер Марио Драги, како и поранешниот фински претседател Саули Нинисте, се споменуваат како можни посредници.

Поранешната германска канцеларка Ангела Меркел беше меѓу имињата што се поврзуваа со можната улога на европски посредник, но медиумите објавија дека таа не е подготвена да преземе таква улога.

Фото: ЕПА

Текстот Финскиот претседател е подготвен да преговара со Русија во име на ЕУ е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top