Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денес е во посета на Лисабон и Мадрид, каде ќе започне со одобрување на плановите за закрепнување, поднесени од земјите кои бараат средства од фондот за обновување од пандемијата.
Ова е историско достигнување, рече фон дер Лајен пред Европскиот парламент минатата недела, најавувајќи скоро активирање на планот за закрепнување од 750 милијарди евра изработен пред скоро една година.
Португалија, која во моментов е претседател на ЕУ, го направи приоритет брзото усвојување на овие планови за закрепнување, по препораката на Комисијата.
Шпанија ќе биде втор по големина корисник на фондот за спасување по Италија, а Мадрид ќе добие 140 милијарди евра, од кои половина ќе бидат во форма на директни грантови и заеми.
„Две јужноевропски земји кои порано не се чувствуваа поддржани во Европа, сега имаат корист од извонредната поддршка и дарежливост на нивните северни партнери“, рече Тони Ролдан, раководител на истражувањето во Центарот за економска политика „Есаде“ во Мадрид.
Шпанија беше особено погодена кога пандемијата првпат избувна на почетокот на 2020 година, додека Португалија претрпе голем скок на бројот на новозаразени случаи претходно оваа година.
Со оглед на тоа што обете земји се силно зависни од туризмот, нивните економии се значително погодени.
Од должничката криза во еврозоната, која започна во 2011 година, Лисабон и Мадрид честопати беа на удар затоа што „поштедливите“ европски членки беа фрустрирани што требаше да издвојат пари за да го субвенционираат трошењето.
Ролдан изјави дека иако некои од условите околу стимулативните пакети остануваат нејасни, Шпанија и Португалија можат да покажат „поголема реформска амбиција“ во користењето пари, особено во областа на образованието.