Супертајфунот Рагаса, најсилниот тропски циклон во светот оваа година, го погоди денеска Хонг Конг, со ветрови со сила на ураган и ненадејни поплави, додека обилни дождови во Тајван однесоа најмалку 14 животи.
Патиштата во Хонг Конг беа пусти, бидејќи властите ги предупредија жителите да останат во своите домови. Делови од источниот и јужниот брег на азискиот финансиски центар беа поплавени. Се очекува Рагаса, со ветрови до 200 километри на час, да се приближи најблиску до градот во следните неколку часа, само стотина километри јужно од густо населената област.
Евакуација во кинеската провинција
Се очекува супертајфунот да го задржи својот интензитет додека се движи кон брегот на кинеската провинција Гуангдонг, каде што живеат повеќе од 125 милиони луѓе. Властите во Гуангдонг евакуираа повеќе од 770.000 луѓе, соопшти државниот радиодифузер CCTV.
Рагаса ги опустоши северните Филипини во понеделник и Тајван вчера. 14 лица загинаа, а повеќе од 100 се водат како исчезнати во округот Хуалиен во источен Тајван, соопшти противпожарната служба.
Властите предупредија на пораст на нивото на морето споредлив со тајфунот Хато во 2017 година и тајфунот Мангхут во 2018 година. И двата тајфуни предизвикаа штети од повеќе милијарди долари.
фото: принтскрин
Текстот (Фото) Супертајфунот го погоди Хонг Конг; 14 мртви, повеќе од 100 исчезнати на Тајван е превземен од МАКФАКС.