Франција и Италија влегуваат во новата година со рекорден број новозаразени

пред 3 години

Франција и Италија влегуваат во новата 2022 година со рекорден број на нови случаи на коронавирус, при што многу настани се откажани поради брзото ширење на омикрон.

Франција во петокот пријави 232.200 нови случаи на Ковид-19, апсолутен рекорд од почетокот на пандемијата.

Новиот број на заразени за 24 часа е поголем од 200.000 трет ден по ред.

Париз, како и многу други престолнини, мораше да се помири со фактот дека оваа година нема да има традиционални прослави. Огнометот над Триумфалната капија во Париз е откажан.

Италија, исто така, објави рекорден број нови случаи, со повеќе од 144.000 случаи, соопшти во петокот Министерството за здравство.

Според официјалните податоци, 155 лица починале како последица на инфекција со коронавирус.

До средината на декември, дневните бројки се движеа под триесет илјади, но почнаа да растат за време на празничната сезона.

Владата одлучи да воведе нови мерки поради ширењето на вирусот.

Од 10 јануари во хотели, конференциски центри, јавен превоз, ски-лифтови ќе можат да влезат само оние кои биле вакцинирани или оздравени од Ковид-19.

Пред една година, Италија беше под карантин, иако имаше помалку нови заболени дневно отколку сега.

Од друга страна, бројот на луѓе кои умираат во тоа време достигна 500 на ден.

Share
Scroll to Top