Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура

Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура

пред 3 часа

Меѓународните обвинители за воени злосторства денес изјавија дека поранешниот косовски претседател Хашим Тачи ги контролирал етничките албански герилци и дека треба да биде прогласен за виновен за воени злосторства и да биде осуден на 45 години затвор.

Тачи и тројца други поранешни команданти на Ослободителната војска на Косово (ОВК) се обвинети за прогон, убиства, тортура и присилни исчезнувања за време и кратко по востанието од 1998-1999 година, кое на крајот донесе независност на регионот со мнозинско албанско население од Србија.

„Обвинетите извршија злосторства против своите противници за да ја преземат контролата врз Косово“, изјави обвинителката Кимберли Вест пред судот во Хаг. Таа додаде дека во 1998 и 1999 година, повеќе од 100 политички противници и наводни соработници на српските безбедносни сили биле убиени, а стотици биле злоупотребени во околу педесет логори под администрација на ОВК.

„Овој случај е за целта на четворицата обвинети да добијат и да остварат контрола врз целото Косово“, рече Вест кон крајот на речиси тригодишното судење во Специјалниот трибунал за воени злосторства за Косово со седиште во Хаг.

Тачи, кој беше премиер, министер за надворешни работи и претседател на независно Косово помеѓу 2008 и 2020 година, и другите обвинети ги негираат сите обвиненија. Адвокатите на Тачи, кои се очекува да дадат завршни зборови во среда, претходно тврдеа дека 57-годишниот Тачи немал вистинска власт над ОВК и нејзините воени команданти за време и по востанието.

Обвинителите тврдат дека Тачи и другите водачи на ОВК воделе насилна кампања против политичките противници, како и малцинските етнички Срби и Роми, со цел да преземат целосна контрола врз Косово.

Специјализираниот суд за Косово, во кој работат меѓународни судии и адвокати, беше основан во 2015 година за да се занимава со случаи на воени злосторства според косовскиот закон против поранешни герилци на ОВК. Многу Косовари веруваат дека судот е пристрасен и ги сметаат командантите на Ослободителната војска на Косово за херои кои го ослободија Косово од репресивната српска влада.

 

фото/ЕПА

Текстот Хашим Тачи се соочува со 45 години затвор, обвинет е за убиства и тортура е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top