Хегсет ги најавува најинтензивните напади врз Иран за денес, ја предупредува Русија да не се меша

Хегсет ги најавува најинтензивните напади врз Иран за денес, ја предупредува Русија да не се меша

пред 2 часа

Соединетите Американски Држави нема да се откажат додека непријателот не биде целосно и решително поразен, изјави американскиот министер за одбрана Пит Хегсет додека се обраќаше пред медиумите за војната со Иран.

„Но, ние ќе го сториме тоа според нашиот временски план и нашата одлука“, додаде тој. Хегсет нагласи дека денес ќе биде најинтензивниот ден на напади во Иран досега.

„Ќе има повеќе ловци, повеќе бомбардери и повеќе напади. Разузнавањето е попрецизно и подобро од кога било“, рече тој.

Американскиот претседател Доналд Трамп вчера изјави дека американските воени цели се „скоро постигнати“ и дека војната „наскоро ќе заврши“.

Хегсет не прецизираше во која фаза се овие цели, велејќи само дека американските трупи „ги извршуваат со безмилосна прецизност“, според светските агенции.

„Победуваме со силен и непоколеблив фокус на нашите цели, кои се исти како и денот кога го дадов мојот прв брифинг тука за операцијата „Епски бес“, рече Хегсет.

Американскиот секретар за одбрана ја предупреди Русија да не се вклучува во војна со Иран.

Неговиот коментар следеше по прашањето за телефонскиот разговор што претседателот Доналд Трамп го имаше со рускиот претседател Владимир Путин вчера.

Хегсет го опиша разговорот како „моќен повик“, за кој се надева дека ќе ја потврди „можноста за некаков мир“ во војната на Русија против Украина.

Тој додаде дека разговорот, исто така, ја потврдил „свеста дека, кога станува збор за овој конфликт, тие не треба да бидат вклучени“.

Тој тврди дека иранскиот режим брзо работи на изградба на нуклеарна бомба, но дека претседателот Доналд Трамп „нема да го дозволи тоа“.

Хегсет додаде дека иранските сили „намерно ги таргетираат цивилите“ затоа што знаат дека нивните сопствени сили се „системски ослабени и уништени“.

„Иран е оставен сам и сериозно губи“, рече тој.

Тој исто така вели дека целите на операцијата „Епски бес“ остануваат непроменети:

– уништување на иранските залихи на ракети, нивните лансери и воено-индустриската база за производство на ракети

– уништување на иранската морнарица

– трајно спречување на Иран да добие нуклеарно оружје

Тој ги повтори претходните изјави на Доналд Трамп, наведувајќи дека САД „безмилосно го уништуваат непријателот“.

„Го правиме ова според нашиот временски план и нашата одлука“, рече тој.

Текстот Хегсет ги најавува најинтензивните напади врз Иран за денес, ја предупредува Русија да не се меша е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top