Холандија следната недела започнува со вакцинација на здравствените работници

пред 3 години

Владата на Холандија попушти под притисок на јавноста и најави дека следната недела ќе започне со вакцинирање на здравствените работници.

Иако минатиот месец Европската унија одобри употреба на вакцината на БионТех/ Фајзер против Ковид-19, Холандија е единствената земја-членка на ЕУ која сè уште не започнала со вакцинација.

Холандската влада тврди дека и` треба повеќе време за да се осигура дека почетокот на вакцинацијата се одвива непречено, тврдејќи дека сите проблеми на почетокот ќе ја нарушат довербата во програмата за вакцинација.

Планот беше вакцинацијата да започне не порано од 8 јануари, и само симболично пред вистинскиот почеток на 18 јануари. Сепак, планот беше критикуван од медицински експерти кои предупредија дека владата ризикува животи додека 175.000 дози на вакцината се складирани на истокот на земјата.

Според новиот план околу 30.000 вработени во болниците ќе бидат вакцинирани следната недела. Поконкретни планови треба да бидат објавени в понеделник.

Ставањето на здравствени работници во болниците на прво место е уште една промена во првичниот план што предвидуваше прво вакцинирање на оние кои работат во домови за стари лица и изнемоштени лица. Болничките работници тврдат дека здравствениот систем е пренатрупан со зголемувањето на бројот на случаи, додека се повеќе и повеќе вработени отсуствуваат поради инфекцијата.

Share
Scroll to Top