Хрватска од Црна Гора очекува податоци за 14 исчезнати лица, идентификувани по име и презиме, порача хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ, додека министерот за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ-Радман најави дека Загреб нема да се согласи со затворање на преговарачките поглавја ниту со членството на Црна Гора во Европската Унија сè додека не се решат отворените прашања, меѓу кои е и гонењето за воени злосторства врз основа на командна одговорност.
Пленковиќ, за време на одбележувањето на годишнината од страдањето на Вуковар, во изјава за Н1, која ја пренесува „Јутарњи лист“, рече дека Хрватска нема да се откаже од своите барања кон Србија и Црна Гора.
Говорејќи за потрагата по исчезнатите лица, тој наведе дека Хрватска сè уште не добила доволно информации и дека очекува напредок во рамките на преговарачкото поглавје 23.
„Досега не добивме доволно информации. Тоа е дел од поглавјето 23. Ќе очекуваме напредок во тој процес, тоа е исклучително важно“, порача Пленковиќ.
Хрватскиот премиер прецизираше дека од Црна Гора се очекуваат податоци за 14 исчезнати лица, чии идентитети се познати, додека, според неговите зборови, во Белград се наоѓаат значително повеќе информации.
Пленковиќ нагласи дека Хрватска продолжува да инсистира на решавање на прашањето за исчезнатите лица, наведувајќи дека постојат луѓе кои имаат сознанија за локациите на гробниците и местата на кои биле преместувани посмртните останки.
Грлиќ Радман: Отворените прашања мора да се решат
Хрватскиот министер за надворешни и европски работи Гордан Грлиќ Радман, исто така од Вуковар, порача дека Загреб нема да се согласи со напредок во пристапниот процес без решавање на прашањата што ги смета за вредносни.
Како што пренесува ХРТ, Грлиќ Радман меѓу отворените прашања со Црна Гора ги издвои пронаоѓањето на 14 исчезнати лица и кривичното гонење на одговорните за воени злосторства врз основа на командна одговорност.
„Нема да се согласиме со членството, со затворањето на поглавјата, ако не се решат тие отворени, вредносни прашања“, порача Грлиќ Радман.
Тој нагласи дека секоја држава што сака да стане членка на Европската Унија мора да ги исполни обврските од пристапниот процес, вклучително и прашањата што Хрватска ги смета за важни за соочување со военото минато.
Грлиќ Радман истакна дека разговорите за исчезнатите лица се водат континуирано и дека Хрватска го отвора ова прашање и преку активностите во меѓународната заедница.
Според него, за постигнување конкретни резултати неопходна е соработка од другата страна.
Текстот Хрватска бара податоци за 14 исчезнати лица од Црна Гора: „Без решавање на отворените прашања нема затворање поглавја“ е превземен од МАКФАКС.





