Хутите тврдат дека пренасочиле осум саудиски танкери

Хутите тврдат дека пренасочиле осум саудиски танкери

пред 6 часа

Јеменските хути соопштија дека принудиле осум саудиски танкери со нафта да го сменат курсот како дел од, како што ја нарекуваат, поморската блокада на саудискиот извоз на енергенси.

Според нив, танкерите ќе мора да пловат околу ’Ртот на Добрата Надеж‘ во Јужна Африка за да стигнат до своите дестинации во Азија, што значително би го продолжило времетраењето на транспортот.

Саудиска Арабија засега не ги потврди овие тврдења.

Хутите минатата недела објавија дека воведуваат поморска блокада на Саудиска Арабија, наведувајќи дека тоа е одговор на, како што тврдат, долгогодишната саудиска блокада на териториите во Јемен што се под нивна контрола.

Граѓанската војна во Јемен трае од 2014 година, кога хутите го зазедоа главниот град Сана и други делови од северниот дел на земјата. Оттогаш Саудиска Арабија предводи коалиција што ја поддржува меѓународно признатата јеменска влада во борбата против хутите.

Тензиите меѓу хутите и Саудиска Арабија дополнително се зголемија во услови на американско-израелскиот конфликт со Иран. Хутите, кои имаат поддршка од Иран, имаат силно присуство во близина на теснецот Баб ел Мандеб – една од најважните светски поморски рути што ги поврзува Црвеното Море и Индискиот Океан.

Поради заканите од можни напади расте загриженоста дека пловидбата низ Баб ел Мандеб би можела да биде нарушена, што дополнително би влијаело врз глобалната трговија, која веќе се соочува со последиците од нарушениот сообраќај низ Ормутскиот Теснец.

Сепак, според аналитичката компанија „Кплер“, поморскиот сообраќај засега продолжува. Во текот на вчерашниот ден низ Баб ел Мандеб поминале 47 пловни објекти во двата правци. Хутите исто така соопштија дека немаат намера да воведуваат такси за премин на бродовите.

Текстот Хутите тврдат дека пренасочиле осум саудиски танкери е превземен од МАКФАКС.

Share
Scroll to Top