Владата на Чешка објави дека ќе забрани патување на своите граѓани во неколку африкански и јужноамерикански држави каде што постои голем ризик од нови, заразни видови на коронавирус.
Министерството за здравство на Чешка вчера објави дека забраната за патување ќе стапи на сила од утре и ќе важи до 11 април, со некои исклучоци, како и дека се однесува на земји како Боцвана, Бразил , Јужна Африка, Кенија, Малави, Танзанија и други.
Чешката влада се обидува да го забави ширењето на коронавирусот, што изврши голем притисок врз болниците во оваа земја, а властите во моментов разгледуваат други построги мерки за борба против пандемијата, пренесува „Ројтерс“.
Чешката влада ќе се состане денес по состанокот со опозицијата, со цел да се донесе одлука за заострување на епидемиолошките мерки со кои би се запрело моменталното забрзано ширење на Ковид-19, пренесува агенцијата.
Од таму се наведува дека премиерот Андреј Бабиш вчера по состанокот на владата изјавил дека болниците во Чешка ќе се соочат со катастрофа доколку ништо не се стори и дека неговата малцинска влада ќе се состане повторно за да ја добие потребната поддршка за нови мерки.