Русија се уште верува дека дипломатијата може да помогне да се смират тензиите околу украинската криза, изјави рускиот амбасадор во Европската унија, Владимир Чизов.
Тој за Би-Би-Си изјави дека Русија нема намера никого да нападне, но предупреди дека е важно да не се испровоцира Москва да се предомисли.
„ Ние секако веруваме дека има простор за дипломатија“, рече Чизов, додавајќи дека дополнителните преговори може да доведат до резултати.
Чизов не кажа дали Русија планира да ги отстрани војниците од границата со Украина и праша зошто никој не зборува за бројот на украински војници распоредени во Русија. Тој нагласи дека Русија сè уште го смета проширувањето на НАТО на исток за клучна точка на какви било преговори.
„ Нема да го заборавиме тоа. И не можеме да си дозволиме да го заборавиме тоа. Пет бранови на проширување на НАТО, тоа не беше развојот на настаните што го очекувавме“, рече тој.
Русија постојано демантираше дека планира да ја нападне Украина, но поради акумулацијата на повеќе од 100.000 војници во близина на украинската граница, некои западни земји, вклучително и САД, тврдат дека може да ја нападне Украина во секое време.
Францускиот претседател Емануел Макрон, кој неодамна разговараше со рускиот претседател Владимир Путин во Москва, рече дека е важно да се соработува со Русија преку различни формати и најави дека преговорите ќе продолжат во наредните денови за да се реши украинската криза.